ЕКОНОМСКО СОЦИЈАЛЕН СОВЕТ

ЕКОНОМСКО-СОЦИЈАЛЕН СОВЕТ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Економско-социјалниот совет е трипартитно тело, формирано од  Владата на Република Македонија и социјалните партнери за водење на социјален дијалог, заради создавање на услови за економска и социјална стабилност и остварување на темелните вредности  на Република Македонија како демократска и социјална држава.

Економско-социјалниот совет, согласно Спогодбата, е составен од 12 членови:четири члена именува Владата на РМ, четири члена именуваат репрезентативните здруженија на работодавачи на територијата на Република Македонија и четири члена именуваат репрезентативните синдикати на територијата на Република Македонија. 

Економско-социјалниот совет:

  • ги следи, проучува и оценува влијанието на економската политика и мерките на економската политика на социјалната стабилност и развој;
  • ги следи, проучува и оценува влијанието на социјалната политика и мерките на социјалната политика на економската стабилност и развој;
  • ги следи, проучува и оценува влијанието на промените на цените и платите на економската стабилност и развој;
  • му дава образложено мислење на министерот за труд за прашања и проблеми поврзани со склучувањето и примената на колективните договори;
  • им предлага на Владата, работодавачите и синдикатите, односно на нивните здруженија на повисоко ниво, водење на усогласена политика на цени и плати;
  • дава мислења по предлози на закони од областа на трудот и социјалната сигурност;
  • ја промовира и поттикнува идејата на тространа соработка (трипартитен социјален дијалог) помеѓу социјалните партнери за решавање на економските и социјалните прашања и проблеми;
  • го поттикнува мирното решавање на колективните работни спорови;
  • дава мислења и предлози на министерот за труд во врска со другите прашања утврдени со овој закон.


-Економско социјалниот совет може да основа одбори и комисии за поедини прашања од својот делокруг.  

-Економско социјалниот совет донесува деловник со кој се уредува начинот на работата на советот. 


Економско-социјалниот совет разгледува законски и други прописи, национални стратегии и програми кои што се во врска со економско-социјалните интереси на работниците и работодавачите, проекти и материјали од економската и социјалната сфера и при тоа се носат соодветни предлози, мерки и заклучоци.Заклучоците во однос на законските прописи се доставуваат до Владата на РМ и Собранието на РМ.